Повеќе пожари на отворен простор се регистрирани во текот на денот на различни локации низ земјава, а надлежните служби продолжуваат со интервенции за нивно локализирање и спречување на понатамошно ширење.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека до 18:00 часот се евидентирани вкупно 14 пожари. Од нив, пет се сè уште активни, два се ставени под контрола, додека седум се целосно изгаснати.
Активни пожари има во Општина Илинден, кај селото Мршевци, каде што гори сува трева, како и во Општина Босилово, кај селото Секирник, каде пожарот зафатил депонија.
Пожар е активен и во Општина Чашка, кај селото Војница, каде што е зафатена нискостеблеста деградирана шума и сува трева. Огнени жаришта се регистрирани и кај селото Шивец во Општина Кавадарци, како и кај селото Долани во Општина Штип.
Под контрола се ставени пожарите кај градската депонија во Општина Демир Хисар и кај селото Железница во Општина Кратово, каде исто така горела депонија.
Во текот на денот биле изгаснати седум пожари, меѓу кои оние кај Католичките гробишта во Битола, во прилепското село Мало Коњари, кај средното училиште „Орде Чопела“ во Прилеп, како и во селото Непроштено во Општина Теарце.
Целосно изгаснати се и три пожари во Гостивар – во селото Бањица, на местото Јавор во населбата Питарница и во населбата Малеарди.
Надлежните институции продолжуваат со следење на состојбата на терен и интервенираат на активните локации со цел навремено справување со огнените жаришта.
