Пет автобуси во Тетово 3 месеци на паркинг – се чека „амин“ за вработувањата, превозот би можел да почне за 2 недели

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нешто повеќе од 3 месеци Тетово е без градски превоз. Автобуси има, но превозот е укинат од страна на општината со образложение дека претпријатието „Тетово-Транспорт“ официјално нема ниту еден вработен.

„Иако се набавени од Светската банка, петте автобуси за градски превоз во Тетово и понатаму се паркирани кај паркот на пожарникарите“, истакна репортерот на ТВ21.

Директорот на Претпријатието „Тетово-Транспорт“ вели дека се заложници на Министерството за информатичко општество и администрација поради вработувањата што треба да се спроведат. Истакнува дека Министерството го усвоило планот за новите вработувања, но, како што уверува, тие сѐ уше не ја добиле документацијата.

„Чекаме одговорот од Министерството за информатичко општество во однос на вработувањата во претпријатието. Додека тие не ни дадат одговор, ние не можеме да почнеме со работа. Чекаме одговор од нив и сме нивен заложник. Министерството преку и-мејл ни потврди дека го усвоиле планот за вработување, но ние сѐ уште не го добивме. Го пратиле по пошта, но не ни стигна. За две недели ќе профункционира превозот“, вели Рафиз Медија.

Автобусите во Тетово почнаа да сообраќаат од септември 2021 година, но по доаѓањето на Биљал Касами на чело на општината беше оставена само една линија, но потоа беше укината со образложение дека претпријатието нема вработени. Но, и сега три месеци подоцна, автобусите сѐ уште стојат на паркинг. Овие автобуси општината ја чинеа 1.2 милиони евра, средства земени на кредит. Нивната исплата треба да почне по 2022 година.