Пет деца на кислородна поддршка, бебе старо 20 дена е најмладиот ковид пациент во земјава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

20 деца позитивни на корона вирус се лекуваат на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле. Пет од малите пациенти се на кислородна поддршка. Новороденче старо само 20 дена е најмалиот пациент во оваа болница. Бебето се заразило од мајка му, како и многу од другите деца, вели директорот на оваа болница, Бесник Зеќири.

„Денеска имаме хоспитализирано 20 деца, некои помали некои поголеми, воопшто, возрасните групи од почетокот на четвртиот бран се од 0-2 години и од 9-15 години. Од 20, 5 деца се на кислородна поддршка, зависно за каква претходна болест станува збор, тие деца кои имаат коморбидитети или хронични болести од претходно, особено со белодробни заболувања, кај тие деца се развива потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка при престојот во болница.“, вели Зеќири.

Здравствената состојба на децата е добра. Најзагрозени се децата од 10 до 16 години, особено оние кои имаат поголема телесна тежина, рече директорот на болницата. Инаку во дворот на болницата во Козле има и модуларна болница. На прашањето дали има хоспитализирани деца таму, Зеќири рече дека до сега оваа болница не е ставена во функција.

„Кај нас има модуларен дел, но од почетокот откако е поставена, не е пуштена во употреба, бидејќи таа не претставува капацитет плус, туку е само дел каде се правци тријажа, доаѓаат пациенти на контрола и од таму се носат во зелената или црвената зона.“, рече Зеќири.

Директорот на оваа болница апелира до родителите да се вакцинираат за да не дојде до инфекција на децата со вирусот. Според извештајот на ИЈЗ за минатата недела, што се однесува до возрасната група од 0-9 години, за една недела се регистрирани 95 позитивни случаи.