Пожарите кои во изминатите денови беснеат во Грција, особено оној на островот Родос и вчерашната масовна евакуација, ги разбудија спомените за катастрофалните пожари во Мати, во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина каде што згаснаа над 100 животи.
Пред точно пет години, на 23 јули 2018 година неколку приморски населби во општина Рафина, во источниот дел на областа Атика, беа зафатени од пожарите во кои загинаа 102 лица, а меѓу нив повеќе од 40 лица изгореа живи откако не успеаја да најдат излез за да стигнат до морето.
Буквално се заглавија во тесните улички пеш или во обид со нивните автомобили да им побегнат на огнените јазици , а голем дел од граѓаните спасот го бараа во морето.
Се спасија од пожарот, но се задушија од чадот или се удавија чекајќи помош.
Најмладата жртва имаше шест месеци, а најстарата 93 години, меѓу загинатите беа и странски државјани дојдени на одмор.
Со повреди и изгореници беа хоспитализирани најмалку 180 лица.
Станува збор за еден од најкатастрофалните пожари во современата грчка историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви.
„Само да немаме ново Мати“ е најчестиот коментар во Грција речиси секогаш кога земјата се соочува со сериозни и опасни пожари.
Пет години подоцна, судскиот процес е сѐ уште во тек остануваат неодговорени многу прашања околу причините за трагедијата и планот за справување со пожарот, прашања што ги поставуваат, не само оние кои загубија членови од семејството, туку и јавноста.
