Денеска се одбележуваат 5 години откако земјава го затвори 27 годишниот спор со Грција за употребата на името Македонија. Македонија и Грција потпишаа договор со кој Република Македонија стана Република Северна Македонија, државјанството македонско/државјанин на РСМ а јазикот остана “македонски“.
Меѓу првите кој реагираше денеска за Преспанскиот договор беше екс премиерот Зоран Заев. На неговиот Фејсбук профил сподели неколку фотографии со неговиот тогашен грчки колега Алексис Ципрас и напиша дека Преспанскиот договор и донел стабилност на земјава.
-Пет години потоа, сведочиме искрено македонско-грчко пријателство. Пет години, Северна Македонија и Грција градат заедништво од темел. На тој темел добиваме помош од нашите европски и евроатлантски сојузници, на тој темел сме предводници на силни регионални иницијативи. На тој темел имаме стабилна економија иако веќе четврта година се бориме со пандемиски и енергетски кризи.“, напиша Заев.
Благодарение на овој договор, Македонија стана полноправна членка на НАТО, а доби зелено светло за почеток на преговорите за членство во ЕУ, но повторно беше блокирана од другиот сосед, Бугарија. 5 години подоцна земјава се наоѓа во истата положба, повторно треба да се прават уставни измени кои се неопходни за продолжување на патот кон ЕУ и отстранување на ветото од Бугарија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека земјава не добила ништо од договорот туку го загубила името.
Решавањето на спорот со името целосно ги нормализираше билатералните политички односи, кои добија нормален тек, а во октомври 2021, претседателот Стево Пендаровски беше првиот претседател на државава кој ја посети Грција и беше пречекан со високи почести во Атина, додека по помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019, тогашниот грчи премиер Алексис Ципрас го посети Скопје каде се одржа првиот Совет за соработка на високо ниво, со претставници од двете влади, предводени од премиерите.
