Заврши конкурсот за избор на нов државен јавен обвинител. На јавниот оглас распишан од Собранието се пријавиле вкупно пет кандидати, а нивните кандидатури веќе се доставени до Владата.
Во трката за функцијата се: актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Основниот кривичен суд Скопје Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, како и обвинителката од скопското Јавно обвинителство Лидија Раичевиќ.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во синоќешното издание на емисијата „Клик Плус“, изјави дека нема да ги коментира имињата на кандидатите, посочувајќи дека ќе го почека мислењето на Советот на јавни обвинители.
Согласно Законот за јавното обвинителство, доставените кандидатури од Собранието се препраќаат до Владата, која потоа бара мислење од Советот на јавни обвинители. Доколку Советот не даде мислење во рок од 15 дена, Владата не може да утврди предлог, туку му предлага на Собранието да распише нов јавен оглас. Државниот јавен обвинител се избира во Собранието со просто мнозинство, односно со најмалку 61 глас.
Во меѓувреме, обвинителката Ленче Ристовска преку објава на социјалните мрежи информираше дека се кандидиранa за функцијата, при што ја објави својата програма за работа и кратка биографија.
Таа истакна дека јавноста треба да има целосен увид во нејзините заложби за иднината на јавното обвинителство и во нејзините професионални капацитети за извршување на функцијата.
