И покрај тоа што не е постигнат договор со нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Владата најавува проширување на летовите и нови дестинации од македонските аеродроми во текот на летната сезона. Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави дека ова лето ќе бидат отворени 5 нови авиолинии од Скопје и Охрид. Според него, од Охрид ќе има директни летови до Виена, Краков и Вроцлав, додека од Скопје ќе се отворат нови линии кон Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија.
Николоски рече дека државата продолжува да го субвенционира авионскиот сообраќај со по 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра на охридскиот аеродром, но нагласи дека нема да бидат прифатени барања за дополнителни субвенции само за една компанија.
„Вратата е отворена за сите авиокомпании, но не можеме да прифатиме уцени или услови што се на штета на државата и другите оператори“, изјави тој.
Министерот најави и дека „Виз Ер“ ќе постави седми авион на аеродромот во Скопје, додека се разгледува можноста компанијата да отвори база и во Охрид.
Во однос на снабдувањето со гориво за авионите, Николоски увери дека резервите се стабилни.
