Унгарија повторно ќе ја потврди поддршката за мировните напори на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, утре на основачката седница на Одборот за мир во Вашингтон, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, нагласувајќи дека надворешнополитичката стратегија на унгарската влада и натаму е насочена кон избегнување војни.
Говорејќи во пресрет на заминувањето за Вашингтон, Сијарто потврди дека унгарскиот премиер Виктор Орбан, во име на Унгарија, ќе им се обрати на учесниците на основачкиот состанок на Одборот за мир, пренесува МТИ.
„На седницата ќе ја повториме поддршката за големите меѓународни напори за обезбедување мир, било во Украина или на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во двата региона суштински влијае врз централна Европа и Унгарија“, наведе Сијарто, соопшти унгарското Министерство за надворешни работи.
„Нашиот став е јасен: се држиме подалеку од војни и ги поддржуваме меѓународните мировни иницијативи“, истакна тој.
