Петмина обвинители денеска ќе ги претстават кандидатурите за шеф на ОЈО ГОКК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Петмина јавни обвинители се во трка за раководната функција во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје. Тие денеска во 11 часот пред Советот на јавни обвинители ќе ги претстават своите кандидатури, додека конечниот избор на новиот раководител е закажан за 28 октомври.

Според официјалната кандидатска листа, за функцијата конкурираат вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, обвинителот во Вишото јавно обвинителство и поранешен обвинител во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Трајче Пеливанов, како и обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ.

Меѓу кандидатите се и обвинителите од ОЈО ГОКК, Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.

За спроведување на изборната постапка, Советот на јавни обвинители формираше комисија во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

Изборот ќе се одржи на 28 октомври, во периодот од 8 до 16 часот, со тајно и непосредно гласање на јавните обвинители.

Постапката за избор на нов раководител се спроведува поради истекувањето на мандатот на актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.

Огласот за избор на основен јавен обвинител на ова обвинителство беше објавен во „Службен весник“ на 21 август годинава.