Најголем дел од прекршоците регистрирани во вчерашната сообраќајна контрола во Скопје се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Полицијата изрекла вкупно 128 санкции, од кои 102 за пребрзо возење.
На 12 октомври, во периодот од 6 до 22 часот, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје спровело акциска контрола насочена кон возачите кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената.
При контролата биле изречени 102 санкции за брзо возење, како и дополнителни 26 мерки за други прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека сите возачи кои ги прекршиле сообраќајните правила и прописи ќе се соочат со законски предвидените глоби.
Сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, а од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
