Нов напад со дронови во близина на Бугарија, Радев најави разговор со Руте

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нов инцидент со беспилотни летала во Црното Море ја зголемува загриженоста за безбедноста на пловидбата во близина на бугарскиот брег. Два брода биле погодени од дронови, а едниот потонал, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев, оценувајќи дека станува збор за втор ваков случај во рок од една недела.

Меѓу погодените пловила е бродот „Челси 3“, кој е во украинска сопственост и плови под знамето на Малта. Според Радев, бродот бил погоден од три беспилотни летала на околу 33 километри од бугарскиот брег, при што претрпел оштетувања.

Сите 15 членови на екипажот биле спасени. Станува збор за седум украински и осум азербејџански државјани. Петмина од нив побарале медицинска помош, но никој не бил посериозно повреден.

При вториот инцидент, бродот потонал, а еден член на неговиот екипаж бил спасен, информираше бугарскиот премиер.

„Ова е апсолутно неприфатливо, уште еден напад во непосредна близина на бугарските територијални води“, изјави Радев во телевизиско обраќање.

Тој најави дека ќе разговара со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за нападите и безбедносната состојба во регионот.

Радев посочи дека засега нема јасни докази за тоа кој стои зад нападите, но оцени дека нивниот исход ѝ оди во прилог на Русија. Поради инцидентите, тој најави дека ќе го повика рускиот амбасадор на разговор.

Бугарија не граничи директно со Украина и Русија, но нејзината позиција на брегот на Црното Море ја прави стратешки важна за безбедноста во регионот. Како членка на НАТО, земјата е особено засегната од инцидентите што се случуваат во близина на нејзините територијални води.