Петрески и Бауш: Законското усогласување на минималната плата е најдобра опција во моментов!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законското усогласување на минималната плата е најреалната и најодржлива опција во актуелните економски услови, оценија универзитетските професори Абил Бауш и Марјан Петрески во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.

Одговарајќи на прашањето на модераторот дали во сегашните економски околности е возможно поголемо зголемување од она предвидено со закон, професорот Абил Бауш беше дециден дека такво сценарио е малку веројатно.

Според него, дополнително административно покачување би значело значително субвенционирање од државата или би создало притисок врз цените.

„Во таков случај ризикуваме нов бран на инфлација, особено таканаречена леплива инфлација, која тешко се контролира“, предупреди Бауш, нагласувајќи дека економските услови не оставаат простор за повисоки зголемувања од законски предвидените.

Марјан Петрески, од своја страна, посочи дека теоретски секоја влада може да донесе одлука за поголемо зголемување на минималната плата преку законски измени, како што тоа се случувало и во минатото.

Тој потсети на периодите по 2012 и 2018 година, кога биле направени значајни зголемувања. Сепак, Петрески предупреди дека ваквите одлуки секогаш носат одложени економски последици. „Можно е тоа да се изгласа во Собранието, но реперкусиите од таквата одлука се чувствуваат во периодот што следи“, истакна тој.

На дополнителното прашање дали законското усогласување треба да остане примарен механизам, Петрески беше јасен дека токму тоа е најсоодветното решение во моментов. Според него, ваквиот модел е вграден во законот затоа што обезбедува усогласување на растот на минималната плата со реалната динамика на економијата.

И двајцата професори се согласија дека во сегашните услови законското усогласување претставува балансиран пристап кој ја штити и куповната моќ на работниците и макроекономската стабилност, без да создава дополнителни ризици за инфлација и фискален притисок.