Универзитетскиот професор Марјан Петрески во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 оцени дека борбата за повисоки плати е легитимна, оправдана и постојана, нагласувајќи дека синдикалното делување е разбирливо и оправдано како обид за пошироко позиционирање во јавноста.
Сепак, според Петрески, анализата на минималната плата мора да се прави од повеќе аспекти, а не изолирано како апсолутна бројка. Тој посочи дека иако минималната плата во Македонија формално е најниска во регионот, ваквата споредба не ја дава целосната слика. „Ако минималната плата се гледа во однос на просечната плата или, уште поважно, во однос на ценовното ниво, ќе се види дека таа не е најниска, туку се наоѓа некаде околу средината, па дури и малку над европскиот просек“, истакна Петрески.
Во регионален контекст, тој оцени дека Македонија стои подобро од Албанија и Косово, а веројатно и од Босна и Херцеговина, доколку се земе предвид односот меѓу платите и цените. Според него, токму овој однос ја одредува реалната куповна моќ на граѓаните, односно што може да се купи со примањата, а не само нивната номинална вредност.
Петрески нагласи дека иако минималната плата не е доволна, таа претставува важен агрегат кој има влијание и врз останатите плати во економијата. Како втор клучен аспект, тој го посочи прашањето колкав дел од работниците во државата примаат минимална плата.
Според достапните индикации, како што рече, околу 20 до 25 илјади работници во Македонија примаат минимална плата, што е помалку од 5 проценти од вкупниот број регистрирани вработени. „Пред десет години тој број беше над 120 илјади, што значи дека околу 100 илјади работници излегле од минималната плата во изминатата деценија, во период во кој минималната плата се зголеми трикратно – од околу 8 илјади на сегашните 24 илјади денари“, нагласи Петрески.
