Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 вели дека напорите на Владата во изминатите две години се насочени кон воспоставување стабилен и директен дијалог со Бугарија, во услови кога политичката нестабилност кај источниот сосед претставувала сериозна пречка.
Тој посочува дека во минатото комуникацијата често се префрлала кон Брисел, наместо да се води директно со Софија, а бугарската страна неретко се спротивставувала на вклучување европски посредници во билатералните разговори.
„Се определивме за дијалог како единствен начин за надминување на сите отворени прашања“, изјави Димитровски, додавајќи дека по изборните процеси во Бугарија се воспоставуваат нови контакти и комуникациски канали.
Во однос на улогата на бугарскиот претседател Румен Радев, Димитровски истакна дека неговите ставови се конзистентни и насочени кон прашања поврзани со уставните измени и заштитата на правата на Бугарите во земјава.
Тој нагласи дека македонските институции веќе работат на Акциски план за унапредување на правата на етничките заедници под 20 проценти, подготвен со поддршка на експерти препорачани од Европската комисија и Советот на Европа.
„Документот содржи мерки за антидискриминација, образование и унапредување на правата на сите заедници, вклучително и бугарската“, посочи Димитровски.
Тој додаде дека и покрај одредени забелешки, останува определбата проблемите да се решаваат низ дијалог и со почитување на европските стандарди.
