Универзитетскиот професор Марјан Петрески во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 изрази сериозен песимизам во однос на реализацијата на хидроенергетските проекти Чебрен и Галиште, оценувајќи дека и покрај нивната економска и енергетска важност, шансите тие конечно да се изградат се мали.
Петрески потсети дека идејата за изградба на Чебрен е стара повеќе од четири децении и датира уште од 1985 година. Како што рече, во изминатите години имало повеќе обиди проектот да се заживее, вклучително и модел на јавно-приватно партнерство со странски инвеститор, но без конкретен исход.
„Сега повторно се зборува дека има пари во буџетот и дека државата може сама да го реализира проектот, но вакви најави сме слушале и претходно“, посочи професорот.
Според него, доколку Чебрен и Галиште навистина се реализираат, тоа би биле значајни инфраструктурни проекти со голема економска и енергетска вредност, за кои тешко може да се најде аргумент против нивниот долгорочен придонес кон економијата. Сепак, Петрески смета дека проблемот не е во економската логика, туку во политичкиот контекст во кој постојано се отвора ова прашање.
„Имам чувство дека Чебрен и Галиште секогаш се актуелизираат во политички моменти, особено пред избори, како тема за јавна дебата и ветување за мегаломански проекти“, изјави Петрески, додавајќи дека до практична реализација речиси никогаш не доаѓа.
Тој заклучи дека иако ваквите проекти се неопходни и корисни на долг рок, неговите очекувања се скромни и дека останува скептичен оти Чебрен и Галиште во блиска иднина ќе преминат од политичка реторика во конкретна реалност.
Видеото погледнете го ТУКА
