Пироманот и сам се потпали во Битола – дали ќе побара лекарска помош? Полицијата трага!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од страната на пошта со велосипед влегува и се движи спокојно по улица Рузвелтова во Битола.

Рано утро е, нема други пешаци ниту сообраќај. Доаѓа до бројот 1 каде што е сместен бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“. Велосипедот останува спроти центарот, а тој со туба бензин се доближува и започнува да ја полева вратата. На крај ја зема запалката и го пали бензинот, кој во првиот момент го зафаќа и него, па панично почнува да се поместува и бега во насока Широк Сокак.

Вака изгледа она што се гледа на безбедносните камери до кои имаше пристап ТВ21. Во моментов истите не може да се објават поради истрагата.

„Тоа спокојство беше малку нарушено затоа што оганот кој беше огромен, тој се уплаши, претпоставувам дека има некакви повреди или изгореници од тој оган. Можеби тој човек ќе побара и медицинска помош“, посочи Теодора Генчовска.

Битолската полиција вчера и денеска со налог ги одзема снимките од безбедносните камери од локалните кои се наоѓаат во околината. Целта е, да се најде моментот која во моментов непознатото лице ќе ја симне маската за да може да се идентификува.

Претседателот на „Иван Михајлов“ вели дека се плашат, но нема да престанат со работа.

„Нормално е човек да се плаши, но тоа не значи дека ќе прекинеме да работиме. Напротив, ќе бидеме уште поголеми Ванчо Михајловисти, поголеми Бугари и ќе се бориме за идејата Македонија-Швајцарија на Балканите, каде и Бугарите ќе го добијат своето место“, вели Љупчо Ѓоргиевски.

Истрагата е во тек, во моментов непознато е кој е извршителот. А клубот постојано го обезбедува полиција.

Веќе бугарски здруженија на граѓани нудат помош за возобновување на влезната врата на културниот центар кој беше отворен пред неполни два месеци.