Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува доказната постапка за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Во оваа фаза се очекува да бидат презентирани материјалните докази на Обвинителството, кое предложило вкупно 231 доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци.
Бајрами, кој на 9 септември сам се предаде на граничниот премин „Блаце“, на рочиштето на 18 септември изјави дека не се чувствува виновен за обвиненијата.
Според Обвинителството, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле службените овластувања во врска со организирањето електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали.
Обвинителството првично ги товареше за „проневера во службата“, но со предлог-обвинението делото е преквалификувано во „злоупотреба на службената положба и овластување“. Според новото вештачење, наводната штета изнесува околу 9,7 милиони евра.
Процесот се води по скратена постапка, а со него раководи судијката Билјана Шуплиновска-Јовевска.
