Планинскиот дел на Тетово прооден, но со зимска опрема – Општина Тетово: Екипите се на терен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Снегот што започна да паѓа од утринските часови во Тетово го отежна одвивањето на сообраќајот, особено во планинските предели.

Екипата на ТВ21 напладне го посети шарпланинскиот регион, каде што патиштата беа проодни, но исклучиво со зимска опрема.

Жителите ни изјавија дека иако камионот за чистење на патиштата поминал, сол не била фрлена.

– Јас лично ништо не сум видел, но се гледа дека не е исчистено, без сол, без ништо. Што да кажам, опасно е насекаде, и во градот и тука – додека не се исчисти, ризично е.

– Како што и сами гледате, состојбата не е многу добра, со синџири ги носам учениците во училиште, но сега помина камионот и мислам дека ќе биде подобро и ќе се исчисти.

– Камионот помина нагоре, но надолу не се врати.

– А сол?

– Сол засега нема, го видов дека помина, но сол не фрли.

Од Општина Тетово изјавија дека шест возила за чистење снег и екипите на ЈКП Тетово од раните утрински часови излегле на терен.

„Екипите за чистење и одржување на патиштата се на терен и овозможуваат непречено движење на граѓаните на Тетово, како во градот така и во планинските предели. Се работи на чистење на патиштата и фрлање сол. Апелираме до сите граѓани на Тетово, особено оние во планинските подрачја, да возат внимателно и задолжително да имаат зимска опрема“, вели Алби Камили.

И во самиот град Тетово, во претпладневните часови, дел од улиците не беа исчистени, додека патот Тетово – Попова Шапка, кој е под надлежност на Јавното претпријатие „Македонија пат“, беше отворен за сообраќај.