„Планот 3-6-9 го крунисавме со отворањето на вратата од последното поглавје за членство во ЕУ“, рече Бујар Османи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

20 години чекање, уште од потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, 15 години со статус кандидат, 11 пати одбивања на препораките на Европската комисија, вака на кратко изгледа патот на Македонија до Европската унија.

„Испишуваме историја. 20 години чекање, уште од потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, 15 години со статус кандидат, 11 одбивања на препораките на Европската комисија, токму на овој Совет, кој денеска по 11 одбивања ја отвори вратата за старт на последното поглавје за пристапување во ЕУ. Со ова навистина испишавме историја бидејќи не беше лесно, меѓутоа мислам дека нашиот пристап како во затворање на политичките теми, така и во спроведување на двата реформски плана , Планот 3-6-9 и Планот 18, денеска беше крунисан со оваа одлука, со која државата ќе добие нов правец, но не само државата, туку и сечиј живот и домаќинствата во нашата земја “, рече вицепремиерот Бујар Османи во вечерашното издание на „Eu Click“ на ТВ21.

Вицепремиерот додава дека ова не е подарок за нашата држава бидејќи биле исполнети сите потребни услови.

„Северна Македонија исполни повеќе од минималните услови за старт на преговори. Во Секретаријатот констатиравме дека за време на преговарачкиот процес ќе треба да усогласиме околу 7 илјади акти, регулативи и директиви на ЕУ. Всушност, тоа е преговарачки процес – да ги усогласите директивите и регулативите во нашето законодавство. Ние само во оваа фаза, односно со денешната одлука, усогласивме околу 2.900 директиви, што значи ние 1/3 од патот го поминавме во чекање за датум за преговори, нешто што требаше да почне во моментот кога ќе ги отворите преговорите. Со ова ние сме во предност и ни дава можност за што поскоро да ги завршиме преговорите и да станеме полноправна членка“, заклучи Османи.