Планот за вработување цели кон намалување на невработеноста за 20% – се најавува прочистување на листите и мерки против работата на црно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за економија и Агенцијата за вработување го претставија Оперативниот план за вработување 2026 година. Според надлежните, реформската агенда има за цел намалување на бројот на невработени за 20 проценти. Министерот Бесар Дурмиши изјави дека околу 90 илјади лица се регистрирани како невработени и примаат социјална помош, додека дел од нив работат на црно, практика која, според него, ќе биде прекината.

„Во таа работна група треба да бидат вклучени претставници од Министерството за внатрешни работи, заедно со претставници на Агенцијата за вработување, Инспекторатот за труд, центрите за социјална работа на Министерството кои се наоѓаат низ градовите, и сите оние кај кои ќе се утврди дека примаат социјална помош, а од друга страна работат на црно. Сите тие ќе бидат избришани од листата на невработени во Агенцијата за вработување“, вели министерот за економија, Бесар Дурмиши.

Но, за да се спроведе оваа мерка, потребни се одредени законски измени, велат од Агенцијата за вработување. Директорот Аднан Ејупи изјави дека може да се предложат измени и дополнувања на законот со кои на лицата што работат на црно повеќе нема да им биде дозволено да користат социјална помош.

„Сите заедно ќе се обидеме да донесеме нови закони за пред сè да ги исчистиме тие листи, бидејќи таму беа евидентирани и лица на возраст од 15 до 18 години, учениците од средните училишта веќе се отстранети од евиденцијата и мислам дека и Владата го има истиот став – за да ја прочистиме таа листа, мора да бидеме законски покриени“, изјави Аднан Ејупи, директор на агенцијата за вработување.

Првиот чекор од реформската агенда за кој треба да биде информирана Европската комисија е до 30 јуни, додека вториот рок е 31 декември, во однос на условите кои претставуваат еден од столбовите на евроинтегративните аспирации на државата.