Плата за Пошта до петок – вработените во Водовод пред штрајк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработените во Пошта до петок ќе ја добијат платата, ова е исходот од денешната средба на синдикатот на Македонска пошта и Сојузот на синдикатите на Македонија со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски заедно со директорот на претпријатието Васко Стефанов. Од министерството информираат и дека е договорено до крајот на годинава да има нова систематизација.

„Управниот одбор на АД Пошта ќе започне со изготвување на нова систематизација и  реорганизација за максимална продуктивност на вработените. Владата ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на АД Пошта“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Ќе се бара решение и за состојбите во Водовод и канализација, откако истече рокот до денеска кој синдикатот на ова јавно претпријатие го постави со барање од градоначалничката Данела Арсовска да го разреши вд директорот Марјан Митовски поради отпуштања вработени и закани, а велат дека тој веќе имал судски пресуда со казна затвор за напад со нож на друго лице.

„Ние утре како репрезентативен синдикат во дејноста комунални дејности ќе го свикаме Извршниот одбор и ќе пристапиме кон подготовки, односно процедура за отпочнување на штрајк. Откако ќе ја донесеме одлуката ќе го известиме Министерството за труд и социјална политика согласно Законот за мирно решавање на работни спорови каде што ќе побараме помирувач лиценциран или медијатор“, вели Дарко Димовски.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска вели дека ќе биде одреден медијатор.

„Доколку ССМ достават барање за медијација секако дека ќе постапиме согласно законот и ќе одредиме медијатор кој што ќе се обиде да го реши проблемот преку медијација за да може штрајкот да биде ставен во мирување, се додека не се изнајде решение“, додаде Јованка Тренчевска.

Митовски беше назначен за вд директор на Водовод и канализација откако  градоначалничката Арсовска го разреши претходниот директор Златко Перински, поради несогласувања за тендерот за пречистителна станица.