По 26 години нов кривичен закон – Тупанчевски: Законот е именуван 36 пати, дури и за политички цели

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По неполни три децении Министерството за правда го започна донесувањето на новиот Кривичен законик. Министерот за правда Никола Тупанчевски вели дека постојниот закон многу пати бил изменуван и дополнуван и често пати со лоши решенија, но и покрај толку измени досега ниту еднаш не е направен пречистен текст.

„Станува збор за Кривичен законик кој што подолг временски период се применува кај нас и во принцип, еве некој успеал да направи добра статистика дека досега од неговото донесување 36 пати бил менуван и дополнуван. Мора да се истакне дека не секогаш измените на Кривичниот законик беа среќно направени и имаше ситуации каде што можеа да бидат констатирани одредени неконзистентности во однос на нормативата односно на одредбите кои што беа дел од Кривичниот законик“, посочи Никола Тупанчевски.

Академик Владо Камбовски вели дека значајна измена ќе биде во насока на подобрување на голем дел од нормативите кои се однесуваат и на дела од организираниот криминал и корупција. Во овој дел тој му порача и на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази за кого во јавноста има сериозни забелешки на неговиот избор, професионално да ја извршува функцијата.

„Човекот кој што е избран законито, совесно да си ја врши својата функција затоа што сите институции во наредниот период ќе бидат сериозно опсервирани дали ја остваруваат својата функција и одговорност на законит начин или не. Со партизацијата на институциите доаѓа крајот. За жал ние самите немавме доволно сили тој крај да го назначиме и да го пресечеме. Со отворањето на преговорите за членство во Европската унија тој крај доаѓа“, додава Владо Камбовски.

Постојниот Кривичен законик е донесен пред точно 26 години, во кој е интервенирано 36 пати меѓу кои имаше и случаи кога беше менуван за одредени политички цели.