По 27 дена лекување на Инфективна, почина уште еден пациент заразен со Западнонилска треска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На Универзитетската клиника за инфективни болести починал уште еден пациент, кој бил во тешка состојба и претходно со лабораториски анализи бил потврден со Западнонилска треска.

Во моментов во болница се хоспитализирани 20 пациенти со Западнонилска треска, од кои 18 случаи се лабораториски потврдени, додека кај два случаи постои само клиничко сомневање.

Пет пациенти со потешка клиничка слика се на интензивна нега и се лекуваат согласно сите болнички протоколи, соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана.

Тој информираше дека починатиот пациент имал 76 години и бил лекуван 27 дена на Клиниката, но поради други сериозни придружни заболувања и тешката невроинвазивна форма која ги зафатила мозокот и мозочните обвивки, во доцните попладневни часови дошло до смртен исход.