По речиси два месеци од локалните избори, Советот на Струга доби претседател. По многу несогласувања и дебати на претходните седници, денес конечно е постигнато решение. Претседател на советот е советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мите Стефоски.
„За мене е чест и задоволство да бидам претседател на Советот на Општина Струга и сакам да кажам дека ќе го водам принципиелно. Можеби нема да се согласувам со вашите мислења, но до крај ќе се борам да го кажам она што го мислам.“, изјави Стефоски.
Со оваа одлука, Општинскиот совет влегува во нова фаза на институционално функционирање. Изборот на Стефоски беше реализиран со мнозинство гласови – 14 од вкупно 23 советници.
„Имаме мнозинство овде со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и Независната листа, така што имаме 13 советници и функционираме без проблеми и верувам дека во иднина ова мнозинство ќе го имаме и ќе функционираме како што треба. Сега работата треба да биде поинтензивна – ова што се случи во последните два месеци покажува дека немавме никаква претходна согласност.“, изјави Нафи Јонузи, советник од ВЛЕН.
Изборот беше оспорен од советниците на Националната алијанса за интеграција.
„Предлогот за колегата Мите од ВМРО-ДПМНЕ не доаѓа од никаков албански колега, така го слушнав.“, рече Фатон Положани од НАИ.
Се соопшти дека наскоро се очекува Општина Струга да ги комплетира и другите раководни позиции, вклучувајќи го и секретарот на Општината, место кое според политичките договори се очекува да и припадне на коалицијата ВЛЕН.
