По инцидентот со дронот во Романија, Медведев ја предупреди ЕУ: Времето на мирен сон заврши

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија и поранешен претседател на земјата, во петокот ја предупреди Европската Унија да биде „внимателна“ во услови на „војната со Русија“ во која, според него, Европа веќе влегла, по инцидентот со руски дрон што погоди станбена зграда во Романија.

„Граѓани на земјите од ЕУ, треба да разберете дека вашите власти еднострано влегле во војна со Русија“, напиша високиот руски функционер на социјалната платформа X. „Затоа бидете внимателни и не се изненадувајте од ништо. Мирниот сон е завршен. Но знаете кого да прашате зошто.“

Предупредувањето од Медведев, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, дојде откако романските власти соопштија дека руски дрон, дел од ноќен напад врз Украина, погоди станбена зграда во Галати, источна Романија, при што биле повредени две лица.

НАТО го осуди инцидентот во својата членка како несовесен и повторно ја потврди својата посветеност да ја брани територијата на Алијансата.

„Ќе продолжиме да ја зголемуваме подготвеноста за одвраќање и одбрана од каква било закана, вклучително и од дронови“, напиша генералниот секретар на НАТО Марк Руте на Икс по разговор со романскиот претседател Никушор Дан. „Несовесното однесување на Русија е опасност за сите нас. Тие продолжуваат да ги таргетираат цивилите и цивилната инфраструктура низ Украина. И синоќа уште еднаш се покажа дека последиците од нивната нелегална агресивна војна не застануваат на границата.“

Медведев претходно им се закани на дипломатите од ЕУ во главниот град на Украина, Киев, а руското Министерство за надворешни работи побара странските државјани да ја напуштат Украина по предупредувањата за голем напад врз градот.

„ЕУ изјави дека ќе го задржи своето дипломатско присуство во Киев непроменето и покрај руските предупредувања. Па, очигледно имаат дипломати за одвишок и треба да го намалат бројот“, напиша Медведев во вторникот на Икс.

Русија во последните недели спроведува сè поинтензивни напади врз Украина. Десетици луѓе беа убиени во ракетни и дронски напади минатиот викенд, според украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во понеделникот разговарал телефонски за војната во Украина со државниот секретар на САД, Марко Рубио.