По инцидентот со ратраците, НП Шар Планина и операторот Ескимо Спорт ги надминаа недоразбирањата, потпишан е договор!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавната установа Национален парк Шар Планина информира дека по спроведен конструктивен дијалог и институционална координација е постигнат договор со операторот Eskimo Sport, кој врши туристичка дејност со ратрак-машини, како и со угостителскиот објект ресторан „Арена“, кој работи исклучиво во рамки на својата дејност на територијата на Националниот парк.

Од установата соопштуваат дека операторот Eskimo Sport изразил целосна подготвеност за почитување на Планот за управување со Националниот парк, Планот за движење на моторизирани возила, како и сите важечки одлуки и акти донесени од НП Шар Планина за регулирање на оваа активност.

Како признание за усогласувањето со институционалните процедури и за фактот дека станува збор за прв оператор од ваков тип туристичка дејност, Националниот парк му доделил Благодарница на Eskimo Sport.

Од НП Шар Планина оценуваат дека договорот претставува значаен чекор кон воспоставување јасен и регулиран систем за вршење туристички дејности во Паркот, со што се обезбедува заштита на чувствителните живеалишта и биодиверзитетот, јасен режим на движење и надзор, зголемена безбедност за посетителите и вработените, како и развој на одговорен и одржлив планински туризам.

Договорот следува по неодамнешниот инцидент на терен, кој предизвика јавни реакции и меѓусебни обвинувања меѓу Националниот парк и операторот што врши скијање со ратрак-машини надвор од скијачкиот центар Попова Шапка. Од установата претходно информираа дека постапувале согласно законските овластувања и побараа темелна институционална разрешница на случајот.

„Преку дијалог, транспарентност и взаемна одговорност, продолжуваме да градиме модел во кој заштитата на природата и економскиот развој одат рака под рака, во интерес на јавноста и на идните генерации“, порачуваат од ЈУ Национален парк Шар Планина.

Читај повеќе: