Се огласи операторот на ратраците по инцидентот: Немаше никакво загрозување на животот на ренџерите, ова е незаконско и присилно запирање на оператор за екстремно скијање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Операторот кој раководеше со ратраците, за кои претходно од Националниот парк Шар Планина соопшти дека се нелегални, се огласи по повод инцидентот денеска.

Демантот ви го пренесуваме во целост:

„Објавата не ја отсликува реалната состојба на терен и содржи неточни и тенденциозни тврдења.

Исто така, не е точно дека полицијата интервенирала поради загрозување на безбедноста од страна на операторот. Напротив, полицијата беше повикана по дојава на самиот оператор, поради незаконско и присилно постапување на терен, по што ренџерите беа отстранети од местото на настанот, а не обратно.

Со ваквото известување и извртување на фактите се создава лажна слика во јавноста, се нарушува угледот на компанијата и намерно се пласира наратив за наводна опасност која воопшто не постоела.

Овие неточни информации, пласирани преку медиумите, претставуваат директно нарушување на деловниот углед и брендот, и ќе бидат земени предвид во понатамошните правни и институционални постапки.

Во конкретниот случај не постоеше никаква закана по животот или безбедноста на било кое лице. Напротив, се работи за незаконско и присилно запирање на македонски оператор за екстремно скијање со помош на ратраци, дејност која со години придонесува за развој на туризмот на Шар Планина и носи повеќе од 1.500 туристи годишно од целиот свет.

Спротивно на изнесеното во објавата, операторот постапувал согласно доставениот допис од Национален парк Шар Планина и нивниот официјален тарифник, врз основа на кој, по барање на самата установа, е извршена авансна уплата во износ од 5.000 евра, со образложение дека установата е самофинансирана и нема друг редовен прилив на средства.

И покрај ова, ратраците беа физички спречени да се движат, без претходно врачено писмено решение, без формална забрана и без спроведување на соодветна законска постапка на лице место, што претставува пречекорување на овластувањата, а не законско постапување.

Во овој контекст, основано сметаме дека станува збор за сплет на интереси помеѓу поединци вработени во установата Национален парк Шар Планина, како и за обид за саботажа и уништување на веќе воспоставен туристички производ, наместо за транспарентно и законско управување со заштитеното подрачје.

Дополнително, нагласуваме дека операторот кој беше запрен во овој случај е присутен на пазарот повеќе од 15 години и е првиот оператор во Европа кој го воведе и спроведува овој тип на екстремно скијање со помош на ратраци, со меѓународно признат бренд и клиенти од целиот свет.

Воедно, јавно бараме образложение и конкретни докази со кои ќе се потврди на кој начин нашиот продукт предизвикува било каква штета врз Националниот парк Шар Планина. До овој момент, не се доставени ниту стручни анализи, ниту елаборати, ниту фактички докази кои би го оправдале ваквото постапување.

Логично се наметнува прашањето: зошто институција чија основна улога е развој и унапредување на одржливиот туризам во Националниот парк, настојува да спречи и уништи веќе постоечки, светски познат туристички продукт, наместо да го регулира и унапреди?

Со ваквата постапка директно се оштетени поголем дел од сместувачките капацитети на Попова Шапка, кои зависат од ваквиот тип на туристи, како и самата компанија, за која преку медиумите се пласираат лажни информации, неосновано обвинување и јавно посрамотување на брендот, со сериозни репутациски и финансиски последици.

Остануваме цврсто определени за почитување на законите, заштита на природата и развој на одржлив туризам, но истовремено инсистираме на законско, транспарентно и непристрасно постапување, без селективност и без влијание на поединечни интереси.“, вели операторот.

Претходно во текот на денот Националниот парк Шар Планина соопшти дека при контрола затекнале диви ратраци и дека имало инцидент. Тие поставија и видео кај нив на социјалните мрежи.

Целиот текст и видеото околу инцидентот на следниот линк: