Вака како што сега се конципирани уставните промени, ние немаме намера да ги поддржиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ден по победата. Привремениот премиер на Бугарија ја коментираше победата.
„Се надевам дека ќе ја продолжат својата европска перспектива. Од наша страна немаме каде да правиме повеќе отстапки“, порача Димитар Главчев.
„Не гледам што е тоа што тие попуштиле, на бугарскиот премиер треба да му се постави логично прашање што е тоа што тие попуштиле“, вели Христијан Мицкоски.
И додека Бугарија е во првите денови од изборната кампања за новите парламентарни избори, сите се на ист став, Македонија да го почитува потпишаниот договор.
„Со колегата Мицковски отсекогаш добро сум работел, но би ги повикал колегите, изборите поминаа, да си ја исчистат реториката и строго да се придржуваат до договорот за добрососедство кој го потпишавме“, вели Бојко Борисов.
„Тој предлог, таа можност за Македонија стои пред нив. Ние не можеме и нема да го промениме мислењето по однос на тоа прашање“, вели Кирил Петков.
„Нема да дозволиме Бугарија да биде употребувана за внатрешно-политички прашања во Северна Македонија. Сакам да се обратам кон г-дин Мицковски, нема да има бугарски премиер кој ќе тргне кон против интересите на Бугарија“, вели Делјан Пеевски.
„Го потсетувам Христијан Мицковски дека не секој Бугарин е Македонец, но секој Македонец е Бугари. Најдобриот пат за европската интеграција на Македонија е целосна интеграција со Бугарија“, вели Костадин Костадинов.
„Вината е кај „Продолжуваме со промената“, вината е на „Демократска Бугарија“, вината е на ДПС и ГЕРБ, затоа што го укинаа ветото. За Северна Македонија во овој момент нема место во ЕУ“, вели Тошко Јорданов.
И не само Бугарија. Се јави и нашиот јужен сосед. Бараат новата македонска Влада да го почитува договорот од Преспа, а со тоа да го користи и името Северна Македонија.
„Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа, а особено со одредниците „македонска нација“ и „македонски јазик“. Но, го прифатив Договорот во рамките на континуитетот на државата и препознав дека, и покрај моето несогласување со Договорот, морам да го почитувам. Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија“, вели Кирјакос Мицотакис.
Посочи дека „со загриженост“ ги следи изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека „со голем интерес“ го чека официјалниот став на новиот премиер за да види „на кој начин ќе се осврне на името на неговата земја“.
