По изјавите на Милошоски за „Мазут“, реагираат од ДУИ: ВМРО – од прогонувани, во прогонувачи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По вчерашната изјава на Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Мазут“, во која тој за одлуката за прекинување на истрагата на обвинителите Коларевиќ и Абази рече дека тие делуваат како заштитници на нивните покровители блиски до СДСМ и ДУИ, реагираа од Демократската унија за интеграција.


Од ДУИ оценуваат дека се работи за скандалозен притисок од, како што велат „севернокорејски тип“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Милошоски врз Обвинителството и правдата. „ВМРО-ДПМНЕ се жалеше на прогон од СДСМ и СЈО, а денес го прави истото на најбрутален начин и од прогонувана, се претвори во политички прогонувач. Не му го прави на другиот тоа што не сакаш тебе да ти го прават!“, се вели во соопштението на опозициската ДУИ.


Тие потсетија на минатото на Милошоски, паролите извикувани против Албанците на протестите во 90-тите, како и дека, според нив, „стигна до амнестија за потврден криминал“ поради што нема политички, човечки и правен кредибилитет.


„ВМРО да престане со партизацијата на Обвинителството и политичкиот прогон. Демократската унија за интеграција веќе ја информираше целата меѓународна заедница, која е скандализирана од бруталниот партиски притисок и пораките кон обвинителството. Го охрабруваме обвинителството таму каде што нема дело, нема докази и нема штета, да ги отфрли политичките кривични пријави за политички прогон и да не потклекне под владиниот и партискиот притисок, туку да постапува согласно законот“, соопштија од ДУИ.


Инаку, Милошоски вчера побара од обвинителството да го преиспита решението за „Мазут“ и да донесе корекција на решението за прекин на истрагата од Коларевиќ и Абази.


„Јавноста е сведок дека сега имаме и официјален приговор од ЕСМ којшто се однесува на неправилно ценење на доказите кои што ги наведе обвинителката Коларевиќ за прекинување на истрагата мазут. Овој приговор од ЕСМ е доказ дека обвинителката Коларевиќ постапила непрофесионално, а Ислам Абази ја потврдил оваа контроверзна одлука за скандалот Мазут, којшто е тежок 167 милиони евра набавки на мазут за ТЕЦ Неготино“, нагласи Милошоски.


Според него, ова потврдува дека истрагата којашто ја водела обвинителката Коларевиќ била претежно паушална и дел од доказите за кривичната одговорност неосновано иземала како изговор за прекинување на постапката.
„Приговорот на ЕСМ до Вишото јавно обвинителство дава правна можност за преиспитување на решението за скандалот Мазут и за корекција на ова контроверзно решение за прекин на истрагата од Коларевиќ и Абази. Приговорот на ЕСМ е нова околност според којашто прекинатата истрага за мазут може да продолжи, бидејќи ЕСМ е оштетено правно лице коешто ги побива изјавите на Коларевиќ и Абази како обвинителски тандем којшто им дал повластена улога и им поклонил поголема верба на исказите на Капушевски, Јахоски, Адријан Муча, Ерџан Сулкоски, а воопшто го немале ниту достапен Васко Ковачевски“, рече Милошоски.

Според него, време е обвинителството да нема свои повластени бизнис или политички партнери и сите оние за коишто постои основан и сериозен сомнеж за незаконито дејствување при набавката на мазутот 167 милиони евра да одговараат како и секој друг осомничен и да имаат можност своите докази да ги изнесат пред судските органи.