Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски кој не се смета за исклучен од СДСМ во изјава на ТВ21 вели дека на овој начин тој нема намера да се кандидира за лидер на партијата, бидејќи како што истакна ваквиот систем, не е според Статутот на партијата.
„Има постапка утврдена согласно Статутот. Се одредуваат состаноци на месни организации, општински организации и се даваат предлози, самите предлози потоа ги потврдуваат општинските организации и на крајот, значи се отвора постапка и за самокандидатури, во кои што треба членството да исфрли кандидат а не да пишуваме ние кандидатури со самокандидирање и да се правиме сами претседатели пред време“, истакна Максим Димитриевски.
На Ковачевски и Ременски кои и официјално ја поднесоа кандидатурата за претседател на СДСМ во оваа трка се очекува да им се придружи и Јован Деспотовски, првиот човек на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и долгогодишен член на партијата. Тој денеска изјави дека сериозно размислува да се кандидира.
„Сериозно размислувам не е тајна за тоа. Меѓутоа одлуката не е лесна, предизвикот е голем, времето е комплицирано доста, одговорноста е голема и одлуката ќе ја соопштам утре бидејќи сакам и денеска да го искористам денот да се исконсултирам дополнително и со моите најблиски, со моето семејство, бидејќи и нив ги вовлекувам“, вели Јован Деспотовски.
Такво нешто вчера најави и поранешниот организациски секретар на СДСМ Миле Зечевиќ. Според него најважно е процесот на кандидатури да не го разедини членството на партијата.
„Клучен момент кој што ќе пресече е да го почувствувам импулсот на членството. Во овој момент единствено тоа ми е битно и морам да признам дека битно ми е останувањето на премиерот Заев во Владата. Долги низ години работам со СДСМ, внатре во партијата, долго време ме познаваат сите, во сите клучни моменти на дејствувањето на Социјалдемократскиот сојуз во сите добри и во сите лоши моменти секогаш сум бил тука и во ваков клучен момент чувствувам сериозна одговорност да застанам на браникот на партијата“, посочи Миле Зечевиќ.
Засега своите кандидатури ги поднесоа Димитар Ковачевски актуелен заменик министер за финансии и Фросина Ременски поранешна пратеничка. Ковачевски отворено има поддршка од лидерот Зоран Заев со кого се појавува на средбите со претседателот на Алтернатива Африм Гаши, а воедно на седницата на Централниот одбор на партијата минатата недела го претставил како добро решение за негова замена. Рок за кандидирање за претседател на СДСМ има до утре, а потоа ќе се знае и од кои кандидати ќе се бира новиот лидер на партијата.
