По кризата во Клинички центар – кадар се бара во „8-ми септември“, синдикатите бараат трајно решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Значително е зголемен обемот на работа во „Осми септември“ и Клиниката „Наум Охридски“, по кризата со операционите сали во Клиничкиот центар, велат дел од здравствените работници. Тие очекуваат да се постапува по насоките на Министерството за здравство и кај нив да се прераспредели дополнителен кадар. Од синдикалните организации бараат да се изнајде трајно решение за состојбата во Клиничкиот центар.

„Во салите се оперира деноноќно. Хирурзите се нон-стоп на работа.“, вели Слободан Аксиќ.

„Не треба да се приоѓа со едно ад-хок решение, односно нон-стоп само да гасиме пожари.“, порача Методија Трајановски.

„Секоја власт, ако настапи ургентна состојба како сега што ја имаме на хируршките клиники веднаш треба да има план „Б“. Тоа е многу сериозно менаџирање и не смее да се дозволи ваква хаварија, луѓето немаат пари да плаќаат за по приватни болници.“, вели Лилија Чолакова Дервишова.

Владата последно разгледа оперативен план, со кој се предвидува изградба на нова компресорска станица во Клиничкиот центар, како и замена на инсталацијата во рок од шест месеци. Во моментов, само за итни пациенти, во Клиничкиот центар се оспособени за работа помал дел од операционите сали со надворешни компресори.

Но, ова нема да биде единствениот предизвик кој ќе се најде пред идниот министер за здравство Арбен Таравари. Синдикатот очекува да се распише оглас за вработување за над илјада здравствени работници во клиниките, кои се уште се со договор на дело.

„Работат за минимална плата, немаат здравствено и пензиско осигурување. Би требало тие да се приоритет и веднаш по формирањето на новата Влада да се направи нешто заедно со новиот министер, со приватни доктори, со јавното здравство за да се реши ситуацијата со овие луѓе, бидејќи ќе не снајде уште еден егзодус на илјада до две илјади вработени, коишто работат повеќе од пет години.“, вели Боби Бојчевски.

Синдикалците истакнаа дека се потребни сериозни резови во здравството, а прашани за соработка со наредната власт порачаа „повеќе да работиме, помалку да се сликаме“.