Силниот ветер и поројниот дожд што попладнево го погодија Скопје оставија зад себе големи материјални штети и повредени лица. Во повеќе делови од градот се регистрирани паднати дрвја, откорнати кровови, оштетени возила и блокирани сообраќајници, додека службите интервенираат на десетици локации.
Меѓу објектите што претрпеа штети е и Градската општа болница „8 Септември“, каде силниот ветер оштетил дел од кровната конструкција.
Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, изјави дека во установата нема примени повредени од невремето, но дека е причинета значителна материјална штета.
„Во овој момент најголеми оштетувања има на кровот и кровната конструкција. Точниот обем на штетата ќе биде познат по извршениот увид и проценка од надлежните институции“, изјави Стојаноски.
Во меѓувреме, Итната медицинска помош интервенирала на повеќе локации низ Скопје по пријави за повредени граѓани.
Раководителката на Итната медицинска помош, д-р Анита Димоска, изјави дека најтежок е случајот со повозрасна жена која се здобила со повреда на главата откако врз неа паднало дрво. Таа е пренесена на Ургентниот центар, додека останатите повредени се со полесни телесни повреди.
Директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, д-р Небојша Настов, информираше дека во болницата се примени шест лица повредени во невремето.
„Пациентите главно имаат посекотини и набиеници, се третираат амбулантски и се во стабилна здравствена состојба“, изјави Настов.
Надлежните служби и понатаму се на терен и работат на расчистување на последиците од невремето, додека се врши проценка на штетите низ главниот град.
