По невремето во Скопје: 33 повредени побарале лекарска помош, двајца оперирани и хоспитализирани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вкупно 33 лица побарале медицинска помош во две скопски болници по силното невреме што вчера го зафати главниот град. На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле прегледани 22 пациенти, додека на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ биле згрижени уште 11 лица.

Директорот на „Св. Наум Охридски“, Небојша Настов, информираше дека двајца пациенти се задржани на болничко лекување, а останатите биле третирани поради полесни повреди и пуштени на домашно лекување.

„Еден пациент со скршеница на шаката беше опериран во текот на ноќта. Имаме и странски државјанин, турист, кој се повредил откако врз него паднало дрво. Тој има повреда во пределот на карлицата, но не беше потребен оперативен зафат и е згрижен со конзервативен третман“, изјави Настов.

На Клиниката за ТОАРИЛУЦ биле примени 11 пациенти, од кои тројца се здобиле со посериозни скршеници и се задржани на понатамошно лекување.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, соопшти дека се врши проценка на материјалната штета предизвикана од невремето во здравствените установи и дека по завршувањето на проценките од осигурителните компании ќе започне санацијата на оштетените кровни конструкции.

Тој информираше дека во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ има паднати дрвја, но нема повредени лица, додека во Психијатриската болница во Бардовци бил регистриран неколкучасовен прекин на електричната енергија, кој во меѓувреме е отстранет.

Клековски посочи дека значителни оштетувања има на кровната конструкција на Клиничката болница во Штип, како и на Градската општа болница „8 Септември“. Според него, двете установи се осигурани, а осигурителните компании веќе работат на проценка на штетите, по што ќе започне нивната санација за да се обезбеди непречено функционирање на болниците.