Партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов е победник на вчерашните предвремени парламентарни избори во Бугарија. За истите се гласаше и во Македонија на седум избирачки места. Од 461 глас, 127 Бугари гласале токму за ГЕРБ.
Резултати од гласање во Македонија:
- ГЕРБ 127
- „ВМРО-БНД“ 91
- „Продолжуваме со промените“ 69
- „Демократска Бугарија“ 38
- „Преродба“ 30
- „Има таков народ“ 22
Од ГЕРБ синоќа немаше коментар, само претседателот на партијата на Фејсбук се заблагодари за поддршката, а порано во текот на денот по гласањето рече:
„Светот е во војна, јасно позиционирана. Јас ги разбирам многу од колегите политичари кои бегаат и се кријат, бегаат од темата, но следните месеци тоа ќе биде главна тема. Јасно сме кажале дека при оваа агресија, при оваа војна со јасен агресор тоа е Путин, ништо против рускиот народ по таа фарса на референдумите Бугарија треба да биде многу јасна и точна. Местото каде што се наоѓа е ЕУ и НАТО“, вели Бојко Борисов.
Доскорешниот премиер Кирил Петков го призна поразот, порачувајќи дека нема да коалицираат со ГЕРБ и така ќе седнат на местата на опозицијата во собраниската сала.
„Ние јасно кажуваме дека ги загубивме изборите. Од тука па натака не очекува една не лесна зима. Сакам да изразам на ГЕРБ успех во формирањето на Влада затоа што нивниот успех е успех на сите Бугари“, додаде Асен Василев.
А во првото интервју по загубата на изборите поранешниот премиер Кирил Петков го соопшти и невозможното сценарио за нова Влада.
„Ние коалиција со ГЕРБ и ДПС нема да направиме и не оти не разбираме колку е важно да има Влада, туку напротив има вредносни разлики“, посочи Кирил Петков.
Она што сега следува, до 2-ри ноември претседателот на државата Румен Радев треба да го свика новиот парламент, а потоа да го додели и мандатот за состав на нова Влада. Ако Бојко Борисов не успее што е многу очекувано според освоените мандати да состави Влада, мандатот оди кај Кирил Петков, ако и тој не успее, за трет последен пат мандатот го доделува претседателот по сопствено убедување. Ако и тоа не успее, во Бугарија следните месеци ќе оди на нови предвремени парламентарни избори.
Од Македонија прв со реакција се јави поранешниот премиер Зоран Заев.
„Честитки на ГЕРБ и на мојот добар пријател Боико Борисов за победата и освоената најголема доверба од бугарскиот народ. Посакувам успешни разговори за составување на новата влада која ќе донесе стабилност на нашиот источен сосед и просперитет на Бугарија. Стабилноста на Бугарија и просперитетот на бугарскиот народ е добра за македонскиот народ како и за граѓаните на целиот Балкан“, вели Зоран Заев.
На вчерашните четврти парламентарни избори во Бугарија во последните 18 месеци, учествуваа 29 партии и коалиции. Право на глас имаа 6.600.000 граѓани. Освен во Бугарија, Бугарите можеа да гласаат и на 755 избирачки места во 62 земји низ светот.
