Планираат ли надлежните пошумување на местата на опожарените и изгорени шуми? Директорката на Национални шуми, Јулиана Николова вели дека треба да се почека и да завршат целосно пожарите, па дури тогаш инспекторатот за шумарство за излезе на терен за да направи увид.
„Знаете ние имаме основи годишни каде што имаме предвидено дрвни маси, треба да направиме анекс на тие основи, бидејќи состојбата е веќе променета. После тоа инспекторатот не задолжува да извршиме санација на теренот. Чистење на теренот и пошумување“, вели Јулиана Николова.
Но, имаат ли доволно садници и вработени кои би одговориле на задачата? Диреторката не се сомнева дека има доволно садници, но за лица кои би биле потребни за засадување сепак остава на конечната ситуација и првичната проценка на теренот.
„Морам да истакнам дека ние имаме садници во неколку наши подружници кои произвеуваат исклучително квалитетен материјал, со тој материјал ние можеме да го покриеме овој терен. Нашите расадници во Свети Николе, Куманово, се исклучително добро опремени и имаат капацитете да ги задоволат сите потреби“, додава Јулиана Николова.
Министерот за животна средина Насер Нуредини најавува помош и од ЕУ за враќање на шумите во првобитната состојба.
„Уште еднаш ќе ги разгледаме програмите и ќе видиме каде има најголема потреба. Заедно со ЕУ разговаравме да ни помогнат во оваа постапка. Секако дека ќе има програми за ова прашање. Но, како што реков на прво место е безбедноста на граѓаните, па потоа со надлежните институции, како што е Министерството за земјоделство и шумарство, но и со поддршката на меѓународниот фактор ќе почнеме со спроведување на програмите“, посочи Насер Нуредини.
Сомнежите на дел од граѓаните кои ги искажуваа на социјалните мрежи дека опожареното земјиште ќе се продава како земјоделско, министерот Хоџа ги коменетира како неосновани.
„Тие се евидентирани во катастар како шуми и не може да се третираат како земјоделско земјиште. Тие површини ќе се пошумуваат и за тоа многу брзо ќе има одлука на Влада“, вели Арјанит Хоџа.
Според законската обврска во рок од две години треба да се пошуми опожарениот простор. Но, за да се врати шумата во првичната состојба потребни се 20-50 години. Првичите прецизни проценки на материјалната штета би треба да се познати кон крајот на наредната недела.
Во 2020 вкупно имало пошумување од 569 хектари, според податоците на Државниот завод за статистика. Поголема е бројката во 2019 и 2018 година кога по речиси илјада хектари биле насадаени. За трите години било извршено пошумување со 2493 хектари.
