По премиерот, ДУИ цели и на претседател Албанец – Заев: Да бидам жив, па да го видам и тоа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседател на државата да биде Албанец е следната цел на ДУИ. Ова го изјави лидер на партијата, Али Ахмети, пред поддржувачите во Чаир. Тој рече дека не може да остане смирен без да руши постојано барикади.

„Јас не можам да бидам мирен, без да рушам уште некоја барикада, бидејќи не ми изгледа во ред. Се рушат барикадите една по една, ѕид по ѕид. Министер за одбрана да, министер за внатрешни да, Претседател на Собранието да, Министер за надворешни да, прв вицепремиер да, следната барикада е Претседател на државата.“, рече Ахмети.

Премиерот Зоран Заев, најавата на Ахмети ја нарече „Добра амбиција“. Сепак истакна дека Претседателот се бира на непосредни избори каде гласаат граѓаните, тоа не се договара партиски бидејќи не го бира Собранието или Владата. За да имаме Претседател Албанец потребни се гласовите на сите етнички заедници кои живеат во нашата земја, истакна премиерот.

Да потсетиме, за време на последните претседателските избори, ДУИ не излезе со свој кандидат, туку го поддржа Стево Пендаровски како консензуален кандидат кој првично ја доби поддршката од СДСМ.
Во однос на раководењето со највисоките функции во земјата од страна на Албанците, на последните парламентарни избори ДУИ побара Премиерот на земјата да биде Албанец. Заев тогаш изјави дека ако ДУИ има таков услов, тогаш нема да биде дел од Владата. По преговорите меѓу Ахмети и Заев, беше одлучено Премиер Албанец да има во последните 100 дена од Владата.