Фудбалерите на фудбалската репрезентација сепак на Европскиот шампионат ќе играат во жолто – црвен дрес.
ФФМ по притисокот од јавноста, се премисли и побара од УЕФА да и овозможи на репрезентацијата да игра на Европскиот шампионат со традиционалниот дрес, а не со дресот во бордо боја кој беше промовиран пред неколку дена.
Граѓаните велат дека оваа боја не ги претставува боите на репрезентацијата.
Претседателот на ФФМ, Мухемед Сејдини испратил барање до УЕФА за промена на дресот, ноод таму се уште нема одговор дали ќе може да се настапи во стариот дрес. Сејдини вели дека ја презема одговорноста за можните последици.
„За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ. Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер. Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови. Така како што беше претходно”, вели Мухамед Сејдини.
Дресот можеби ќе се смени, но претседателот на државата, Стево Пендаровски минатата недела во Ватикан му подари на папата Франциск дрес во бордо боја, со неговото име.
Инаку Европскиот шампионат ЕУРО 2020 ќе започне на 11 јуни, а Македонија првиот натпревар ќе го одигра на 13 јуни против Австрија.
