Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека Вашингтон и Киев водат преговори за издавање лиценца што би ѝ овозможила на Украина да произведува ракети за системите „Патриот“.
Во интервју за „Фокс њуз“, Рубио изјави дека разговорите се во тек, но дека сè уште не е донесена конечна одлука. Тој нагласи дека дури и доколку лиценцата биде одобрена, домашното производство нема да започне веднаш, бидејќи ракетите „Патриот“ се многу сложени системи за чие производство се потребни големи подготовки.
„Зголемувањето на производството, дури и ако ја имате дозволата, е нешто за што се потребни неколку години за да се изградат овие фабрики“, објасни Рубио, нагласувајќи дека Украина ќе мора да ги создаде потребните капацитети и соодветните објекти за нивно производство.
Рубио предупреди дека лиценцата би можела да донесе резултати на долг рок, но не нуди итно решение за актуелната потреба на Украина од пресретнувачки ракети, кои се неопходни за нејзината одбрана од руските воздушни напади.
