По првпат во Австрија над девет илјади новозаразени за еден ден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Австрија денеска по првпат се регистрирани повеќе од 9.000 нови случаи на коронавирус во еден ден, а Владата е под зголемен притисок да воведе построги мерки за контрола на инфекцијата.

На почетокот на овој месец, Австрија воведе делумен карантин до крајот на ноември за да го забави ширењето на вирусот. Ресторани, кафулиња и барови престанаа да работат, освен за продажба на храна и за достава. Театрите и музеите се затворени. Воведен е ноќен полициски час од 20 часот до 6 часот наутро.Сепак, бројот на нови позитивни случаи продолжува да се зголемува.

Според Министерството за внатрешни работи и здравство, во последните 24 часа се регистрирани 9.262 нови случаи. Претходниот рекорд беше во саботата, кога беа пријавени 8.241 случај.

Во првиот бран на вирусот, максималното ниво беше 1.050 случаи на ден во март.

Владата соопшти дека ќе ја процени состојбата утре, 13 дена по полицискиот час и делумниот карантин и може да објави натамошно заострување. Властите велат дека 6.000 нови случаи на ден е нивото што на крајот ќе ги преоптовари болниците над нивните можности.