Судијата на Уставниот суд, Гоце Наумовски, ја поднесе својата оставка до Собранието. Од Собранието за ТВ21 изјавија дека ја добиле оставката, дека е архивирана, но дека сè уште не е доставена до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Уставниот суд објави дека досега не добил официјална информација од судијата за оставката. Портпаролот на Судот објави дека Наумовски отсуствувал од денешната седница, додека официјална потврда не е добиена ниту од Собранието.
Според соопштението, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, само преку телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши, добил информација за оставката. Судот нагласува дека за официјална постапка е потребно доставување на соодветната документација. Инаку, Гоце Наумовски беше избран за судија на Уставниот суд во февруари годинава, по предлог на Собранието.
Тој е професор на Катедрата за римско право на Правниот факултет „Јустинијан I“. Пред изборот во Уставниот суд, беше советник на премиерот и е брат на поранешниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски. За уставен судија беше номиниран од владејачкото мнозинство.
