Лица со цистична фиброза, активисти и граѓани, со минута молк и со положување венец пред Влада му оддадоа почит на Благојче Илијевски, кој почина вчера чекајќи го лекот.
По смртта на Благојче, здравствените институции, вклучувајќи го и премиерот, веднаш се мобилизираа и денеска обезбедија средства за набавка на терапијата за 7 лица кои се во критична здравствена состојба. Од Асоцијацијата за цистична фиброза, сметаат дека за 3 недели ќе стигне лекот Трикафта за овие пациенти.
Премиерот Димитар Ковачевски, вели дека бирократијата е виновна за доцнењето во набавката на потребната терапија и смртта на едно лице. Вели дека го замолил министерот за здравство, Беким Сали, да размислува дали ќе го продолжи мандатот по смртта на Благојче.
Министерот за здравство не го купува лекот туку го организира системот, вели Сали, кој се дистанцира од одговорноста.
„Министерството за здравство не би била најодговорната институција за овој случај, бидејќи навреме сме известиле и побарале помош од Владата и Министерството за финансии“, вели Беким Сали.
Министерот Сали беше подиректен преку фејсбук објавата, каде ја обвинува Владата.
„Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства“, додава Беким Сали.
Инаку во нашата земја има околу 130 пациенти со оваа ретка болест.
