Тинејџерот кој беше повреден во вчерашната сообраќајна несреќа на патот Скопје–Тетово, во која загинаа тројца негови блиски роднини, е надвор од животна опасност и е пуштен на домашно лекување. Полицијата и обвинителството спроведуваат истрага за причините на несреќата. Се сомнева дека возачот на возилото доживеал срцев удар.
Повредениот тинејџер е во стабилна состојба и се лекува во домашни услови. Телата на трите жртви се пренесени во Институтот за судска медицина, а по обдукцијата ќе им бидат предадени на семејствата за погреб – информираат од Тетовската болница.
„Најпрво, сочувство до семејствата на жртвите во вчерашната несреќа на патот Тетово–Скопје. Во Клиничката болница во Тетово беа донесени двајца пациенти, од кои едниот беше веќе без знаци на живот, додека другиот беше дете на кое дежурните лекари му ги направија сите неопходни медицински и хируршки прегледи. Тој е во стабилна состојба и се лекува дома“, изјави Ерзен Елези, директор на Клиничката болница во Тетово.
Несреќата се случила поради губење контрола од страна на возачот на возилото марка „Опел Астра“, соопшти СВР Тетово. Дополнителни информации за причините што довеле до губење на контролата се очекуваат од судска медицина и обвинителството. Но според првичните информации, од снимките на безбедносните камери, постои сомневање дека возачот можеби доживеал срцев удар.
„Очекуваме да видиме што ќе покаже обдукцијата на возачот на возилото. На местото на несреќата присуствуваше и јавен обвинител, за несреќата во која загинаа три лица, а едно беше повредено. Подетални информации ќе изнесе обвинителството. Го користам моментот да упатам апел до граѓаните – возачи, велосипедисти, мотоциклисти и пешаци – да бидат внимателни и да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувања, со цел да се намали бројот на жртви и повредени на нашите патишта“, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Од СВР Тетово информираат дека од почетокот на 2025 година, на подрачјето што тие го покриваат, во сообраќајни несреќи животот го загубиле осум лица – ист број како и во текот на 2024 година.
