По случајот со загадувањето на водата во Гостивар, во Тетово се засилени контролите на квалитетот на водата за пиење. Директорот на ЈКП „Шар“, Валон Зеќири, информираше дека последните анализи потврдуваат оти водата во Тетово е безбедна за консумирање и граѓаните можат да ја користат без загриженост.
Зеќири изјави дека, со цел да се зголемат безбедноста и довербата на граѓаните, анализите кои претходно се вршеа двапати неделно, отсега ќе се спроведуваат секојдневно. Тој предупреди дека секое лице кое ќе го загрози или злоупотреби водоводниот систем ќе се соочи со строги законски мерки.
„Ние секогаш сме ги преземале неопходните мерки за заштита на водата за пиење во градот Тетово, но сега тие мерки дополнително ги зачестивме. Сите оние кои го загрозиле или продолжуваат да го загрозуваат водоводниот систем ќе бидат санкционирани и ќе се соочат со строги законски последици. Затоа ги замолувам сите што направиле вакви злоупотреби и продолжуваат со импровизации или други злоупотреби, да престанат со тоа, да не создаваат забуна кај граѓаните на Тетово и што е можно поскоро да се обратат во ЈКП „Шар“ за да ги регулираат проблемите што ги имаат со водоводната мрежа.“, вели Валон Зеќири.
