Побарала 300 евра за положен испит – приведена професорка на универзитет во Штип

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Професорка на универзитетот во Штип е лишена од слобода откако полицијата ја затекнала при примање пари кои, според сомнежите, ги побарала од студент за да му овозможи да положи испит.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 29 јуни околу 11:45 часот, полициски службеници од СВР Штип ја привеле Т.А. (39) од Штип, поради сомнение дека го сторила кривичното дело „примање поткуп“.

Според пријавата, на 22 јуни К.Б. (26), државјанин на Турција со привремен престој во Штип и студент на Универзитетот „Гоце Делчев“, пријавил дека професорката од него побарала 300 евра за да го положи испитот што требало повторно да го полага на 29 јуни.

Во координација со Основното јавно обвинителство во Штип, полицијата презела оперативни мерки, при што на студентот му биле предадени три крим-технички обработени банкноти од по 100 евра. Професорката била приведена веднаш по примањето на парите.

Таа е задржана во полициска станица, парите се одземени, а по целосното документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.