Меѓу 46 пациенти кои вчера ја загубија битката со коронавирус, е и едно 28-годишно момче од Скопје. На денешната прес-конференција Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопшти дека се истражува смртта на починатиот пациент. Истрагите почнаа од првиот момент на лекување на пациентот кај матичниот лекар, па сѐ до установата каде починал.
Од ДСЗИ велат дека добиле поплаки од пациенти кои се пожалиле дека не ја добиле потребната услуга во однос на лекувањето.
Според неделниот Извештај на Институтот за јавно здравје, во период од 30 ноември до 6 декември во 25 градови биле регистрирани 184 смртни случаи како последица на Ковид-19.
„Во однос на возраста, 158 лица беа над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години. Пет смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 и еден случај од возрасната група 30-39“, истакнаа од Министерството за здравство.
Најголем број заразени се над 60 години, а голем број пациенти се регистрирани и од возрасната група 30-39. Според Министерството за здравство, тестирани се вкупно 17.456 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на САРС-Ков-2, што преставува намалување од 7.0% во однос на изминативе две недели. Инаку, вчера во главниот град се хоспитализирани 42 пациенти.
