Почина 7-годишно девојче во болницата во Тетово! – Семејството ја закопа, обвинителството издаде наредба за обдукција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седумгодишно девојче од селото Челопек, Тетовско, почина по болнички третман во Клиничката болница во Тетово. Детето било примено на педијатриското одделение во саботата, на 20 септември, во 20:40 часот.

Директорот на болницата, Ерзен Елези, пред новинарите објасни за терапиите и третманот кој ѝ бил даден на девојчето.

„Состојбата беше стабилна до следниот ден. Следниот ден повторно беа направени лабораториски анализи и беа дадени потребните инфузии за да се стабилизира состојбата. За време на терапијата, пациентката не можеше да голта, беше повторно прегледана од педијатар. Во тој момент беше консултиран дежурниот ОРЛ-лекар за дополнителен преглед. Пациентката беше испратена кај ОРЛ-лекарот, каде при земање на секрет, не покажуваше знаци на подвижност. Кога ОРЛ-лекарот забележа дека нема реакција, повика анестезиолог и девојчето беше префрлено во реанимација, каде и почина“, вели Ерзен Елези.

Според директорот, уште синоќа бил повикан дисциплинскиот комитет за овој случај и се преземаат сите мерки за да се расветли истиот. Елези информираше дека ова е втор случај каде пациенти доаѓаат во болница по претходна нелегална терапија од матичен лекар.

„Сите пациенти ни доаѓаат во болница откако примиле нелегална терапија од општи лекари во приватни амбуланти. Овде станува збор за нешто нелегално. Апелирам до Инспекторатот за труд, Министерството за здравство и Фондот за здравство да преземат строги мерки против овие лекари кои даваат нелегални терапии без медицински извештај, на што немаат право. Потоа пациентите ни доаѓаат во тешка состојба во Тетовската болница. Девојчето немало извештај дека примило терапија од матичен лекар – тоа е незаконски“, порача Ерзен Елези.

Погребот на девојчето денес се одржа во селото Челопек, општина Брвеница, а семејството не дозволило да се направи обдукција. Од обвинителството информираат дека уште синоќа е дадена усна наредба за обдукција, а денес и писмена.

„По утврдување на причината за инцидентот, обвинителот вчера издаде усна наредба за обдукција на телото на починатото девојче, а утринава и писмена наредба“, велат од ЈО Тетово.

Засега останува нејасно дали ќе се почитува наредбата на обвинителот за обдукција, за да се утврдат причините за смртта, или случајот ќе се затвори само со дисциплинска комисија од страна на болницата и Министерството за здравство.