Македонската театарска сцена загуби едно од своите најзначајни имиња. На 62-годишна возраст во Скопје почина режисерот Сашо Миленковски, чиј богат творечки опус остави длабока трага во домашниот и регионалниот театар. Само пред неколку недели, на јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, тој беше одликуван со престижната награда за животно дело.
Миленковски е роден на 28 ноември 1963 година во Битола, а во текот на речиси четири децении професионална работа реализираше повеќе од 50 режии на сцените во Македонија, регионот и Европа. Припаѓаше на генерацијата режисери кои во почетокот на 90-тите години внесоа нови естетски вредности и современ пристап во македонскиот театар.
Неговата кариера започнала уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица, каде што работел од 1988 до 1991 година.
Во своето богато творештво режирал дела од големите светски автори, меѓу кои Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет, но посебно внимание посветувал на современата македонска драматургија.
Меѓу неговите најзначајни режии се издвојуваат праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар, како и „Буре барут“ во Македонскиот народен театар, претстави што имаа големо влијание во афирмацијата на современата македонска драма и беа наградувани на бројни фестивали.
Во неговата кариера значајно место имаат и претставите „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Баханалии“, „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“, како и авторските проекти „Коледе“, „Game Over“ и „Ова не е американски филм“.
Миленковски беше основач на независниот театар „Бабилон“, а од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар. Од 2010 година работеше како драматург во Драмскиот театар во Скопје, активно учествувајќи во создавањето на современиот репертоар.
Покрај театарот, зад себе остави и филмски проекти, меѓу кои „Мајка Тереза“, „Голем Град“, „Љубинко и Десанка“ и „Преспа“.
Во текот на кариерата беше добитник на бројни признанија, меѓу кои и две награди за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“, како и повеќе домашни и меѓународни награди за неговите театарски остварувања. Неговото творештво ќе остане запаметено како значаен дел од современата македонска театарска историја.
