Почина Злат Миловановиќ поранешен проректор на Американ Колеџ во Скопје. Миловановиќ докторира во областа на меѓународните односи на Универзитетот Темпл во САД. Претходно тој магистрира во областа на европските студии и докторира во областа на јавното право и политологијата на Универзитетот во Нанси, Франција. Од 2007 година Злат Миловановиќ предаваше меѓународно и европско право, споредбена политика и европски интеграции на додипломските и постдипломските студии на Факултетот за политички науки при УАКС, како и деловна етика на Факултетот за деловна економија, организациони науки и менаџмент на УАКС.
Злат Миловановиќ беше проректор за меѓународна соработка и развој на УАКС од 2007 до 2012 година. Како член на Универзитетскиот сенат, Ректорската управа, Наставно-научниот совет на Факултетот за политички науки и на други тела, тој се залагаше за интернационализација на нашиот Универзитет и помогна да се унапреди соработката со универзитети од различни делови на светот.
Проф. д-р Злат Миловановиќ беше посветен пријател на Македонија: граѓанин на САД, но Македонец по срце. Неговите колеги и студенти високо ги ценат неговата интелектуална луцидност, смислата за хумор и пословичната љубезност. Пред сè, тој ќе остане запаметен по тоа што им го посвети својот живот на меѓународното право и пријателството меѓу сите луѓе. Бескрајно ќе им недостига на професорите и студентите од УАКС /uacs.edu.mk
Редакцијата на ТВ21 изразува сочувство до семејството и Американ Колеџ.
