Починатата жена од Куманово заразила доктори и сестра, затворена трансфузиологија во Охрид поради коронавирусот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пет лица од кумановската болница се позитивни на коронавирус, по контактот со сега починатата жена од Куманово.

„Има дијагностицирани пет позитивни лица, од кои тројца се здравствени работници, двајца доктори и една медицинска сестра.“, рече Филипче.

Се очекуваат резултати уште од 63 лица од семејството на починатата, но и од медицински персонал.

148 лица вкупно се заразени со коронавирус во Македонија. Едно лице е излечено, а две починаа.

„На инфективната клиника во моментов има 29 пациенти кои се лекуваат стационарно, од нив една е во тешка здравствена сосотјба на респираторна машина, без промена на нејзината состојба во изминатите денови. 6 пациенти се со потешка слика, но се уште респираторно самостојни.“, рече Филипче.

Сите лица кои беа во изолација од кожната Клиника ќе започнат да се тестираат, по што доколку се негативни ќе се вратат на работа, најави министерот.

Коронавирус се појави и во одделението за трансфузиологија во Охрид. Сите 10 вработени завршија во домашна изолација.

„Персоналот бил во контакт со лице кое како пациент за да подигне терапија дошло преку системот „Мојт термин“, а по неколку денови се развиле симптоми кај тоа лице и сега е дијагностициран коронавирус.“, рече Филипче.

Владата донесе и дополнителни мерки со кои целосно се укинува меѓуградскиот превоз и градскиот превоз во Куманово, како и затворање на продавниците кои не се дел од молови.

Останува забраната за движење како и полицискиот час, а тестирање за коронавирус може да се закаже преку матичниот доктор кој пак треба да пополни алгоритам со што се одлучува дали треба да се направи тестирање.

Министерот за здравство информираше дека од утре ќе започне и аплицирање на лекот против вирусот кој во повеќе земји се покажал како корисен.

„Беше одобрена комбинацијата на терапија за пациентите заболени од коронавирусот, комбинацијата која што ја содржи лекот хидрохлор и азитромицин кој што се покажа како ефективен во повеќе земји и на повеќе пациенти.“, вели Филипче.

Лекот ќе се дава само кај одредена група на заболени, кај кои ќе биде претходно направено проценка на клиничката состојба.