Студентите и оние кои ги поддржуваат, како што беше најавено, го блокираа сообраќајот кај Автокоманда во Белград под слоганот „Под наша (авто)команда“.
Тие ги повикаа граѓаните да им се придружат и изјавија дека смените ќе траат по четири часа. Блокадата ќе трае 24 часа.
Студентите се собраа на повеќе локации, од каде во групи се упатија кон Автокоманда од каде почна блокадата. Додека се упатуваа кон локацијата, ги поддржале бројни граѓани од околните згради и работници по кои поминувале. „(Авто)команда е наша“, „Сите на улица“ и „Те сакаат студентите“, извикуваа додека одеа кон Автокоманда.
Потсетуваме, студентите бараат се што е поврзано со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад да биде достапно за јавноста, како и сите кои се соучесници во оваа несреќа – да одговораат.
За најавената блокада зборуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ кој изјави дека таа е незаконска, но дека полицијата мора да го обезбеди собирот „и да им помогне на граѓаните на Белград во создавањето услови за нормален живот и функционирање“.
Во меѓувреме, претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, најави дека таа, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ попладнево ќе одржат вонредна прес-конференција на која „ќе објават важни одлуки“.
